БУНТОТ на артилериските единици на Македонската војска

(Скопје, касарната на Скопското Кале, 7. Ⅰ 1945) – Побунетите војници и офицери барале наместо на Сремскиот фронт да заминат на Солун за ослободување и обединување на распарчената татковина. На плоштадот во Скопје извикувале пароли: „Одиме на Солун“, „Нејќеме на Сремски фронт“, а се слушале и пароли против српските офицери. Побунетите војници барале команданти Македонци. Со интервенција на командантот на Гш генерал Михајло Апостолски и други високи воени офицери и тогашни политички раководители, но и со единиците на КНОЈ, бунтот бил локализиран. Офицерите и војниците биле вратени во касарните. Касарната на Скопското Кале била опколена и под силно воено обезбедување. 38 офицери и војници биле обвинети како организатори и учесници во бунтот, 12 биле осудени на смрт, другите на временска казна затвор и принудна работа, а петмина биле ослободени. ЛИТ: Ѓорѓи Малковски, Божиќниот масакар на Скопското Кале, „Нова Македонија“, 23. Ⅱ 1991. Ѓ. Малк.