БУНТОВНИК – весник

Насловот на весникот на Ѓ. Петров „Бунтовник”

„БУНТОВНИК” (Софија, (1898  – 1899) – весник што го издава идеологот на македонското револуционерно движење од крајот на ⅩⅠⅩ и почетокот на ХХ век Ѓорче Петров. Гласилото излегувало на бугарски јазик. Издавањето му е тајно, нередовно и со ненумерирани броеви. Самиот Ѓорче Петров во своите „Спомени” кажува дека издал околу 11 броеви од „Бунтовник”, во ограничен тираж и дека ги давал на помали групи интересенти. Изданието било растурано и низ Македонија. Сочувани се само три броја, врз основа на кои треба да се одбележи дека намерата на „Бунтовник” била да ги коментира актуелните состојби на македонското прашање и да ја пропагира праведната борба на Македонците за свои права. Се сугерираат патиштата и начините на светата борба. Повеќето од прилозите потекнуваат од перото на Ѓорче Петров и ја откриваат силата на неговата револуционерна размисла. „Бунтовник” бил средство за ефикасна агитација во полза на ослободителното дело во време кога македонскиот народ ја зема историската одговорност да се крене на востание. Г. Т.