БУНТОВИ (ⅩⅤⅠ в.)

БУНТОВИ (ⅩⅤⅠ в.) – локални бунтови на христијанското население во Македонија. Во периодот февруари-април 1560 г. во Дебарската каза имало поголем бунт што зафатил територија од Охридското Езеро до градот Круја (Акче Хисар) во Албанија, со центар во нахијата Долни Дебар. Повеќе од 500 вооружени христијани со развеани бајраци ги напаѓале и ги палеле куќите на селските спахии. Бунтот продолжил до зимата во 1560 година. Во периодот од 1566 до 1574 год. перманентни бунтови повторно го потресувале Дебарскиот крај. Биле напаѓани, ограбувани и палени куќите и имотите на јаничарите и на претставниците на власта, давајќи им на овие бунтови покрај социјален, и политички и верски карактер. Особено сериозен бил бунтот од 1571 г., кога се споменува бројка од 3.000 побунети селани што располагале со панцири и оклопи, а нивни водачи биле селските попови, кои се поврзале дури и со Венеција. И во еден извор од 1583
г. има потврда за немири во нахијата Долни Дебар, при што повеќе христијански села се здружиле во заеднички бунт против власта. За сузбивање на овие перманенти бунтови Османлиите најчесто ги користеле провинциските војски, како и посадите во тврдините што биле изградени на овие простори за смирување на ситуацијата. ЛИТ.: Македонија во ⅩⅤⅠ и ⅩⅤⅠⅠ век. Документи од Цариградските архиви (15571645), превод, редакција и коментар Душанка шопова, Скопје 1955; А. Матковски, Отпорот во Македонија, 4. Буни и востанија, Скопје, 1983; Еден значаен и непознат бунт во Дебарската нахија во 1560 година, „Прилози”, МАНУ, И/1, Скопје, 1970; Турски документи за историјата на Македонија. Опширен пописен дефтер за Охридскиот санџак од 1583 година, т. Ⅷ, кн. 1. Превод и редакција д-р Александар Стојановски, Скопје, 2000. Др. Ѓ.