БУДИН ГРАД, БУДИНАРЦИ

Могила од римското време (Чука, с. Будинарци)

БУДИН ГРАД, БУДИНАРЦИ (БЕРОВСКО) – на прастарата патна комуникација помеѓу Беровскиот и Виничкиот регион, на линијата Астибо – Партикопол, по горниот тек на Брегалница, се наоѓаат остатоците од малото доцноантичко гратче на локалитетот Будинград, кај с. Будинарци. Ридот Будинград се наоѓа 600 м северозападно од селото. Фортифицираната површина (300 х 60 м) се состои од малтерно обѕидие составено од два дела: ромбовидна акропола – кастел, 70 м над реката, и приближно правоаголно подградие што се надоврзува на северната страна на кастелот. Вештачки просечен одбранбен ров го дели уште еден (трет) дел – широкото северозападно предградие од кастелот, околу кое во широк лак кружи р. Брегалница. Посебно цврсто бил утврден јужниот ѕид на акрополата, зајакнат со две аголни кули. Археолошките подвижни наоди ја документираат егзистенцијата на гратчето во две основни фази: постара, доцноантичка фаза (монети, бронзени токи и појасна тока од сучидава тип, железни фибули), во периодот од Ⅳ до Ⅵ в. н.е., и помлада, средновековна фаза (прстења, делови од бронзени и стаклени белегзии), во периодот од XI до ⅩⅠⅠⅠ в. н.е. ЛИТ.: И. Микулчиќ, Средновековни градови и тврдини во Македонија, Скопје, 1996, 136-139. В. Л.