БУГАРСКИ НАРОДНООСЛОБОДИТЕЛЕН БАТАЛЈОН „ХРИСТО БОТЕВ“

БУГАРСКИ НАРОДНООСЛОБОДИТЕЛЕН БАТАЛЈОН „ХРИСТО БОТЕВ“ (с. Фуштани, Мегленско, 19. Ⅻ 1943 – Црна Трава, Србија, март 1944) – воена единица на НОВ и ПОМ, прва воена единица формирана од бугарски окупаторски војници на територијата на Југославија. Во договор со бугарскиот поручник Дичо Петров, Првиот баталјон на Третата оперативна зона на НОВ и ПОМ „Страшо Пинџур” ја нападнал бугарската гранична единица во с. Коњско (Гевгелиско) и караулите Коњски Гроб и Брце на пл. Кожув (15-16. Ⅻ 1943), при што биле заробени 61 војник и еден подофицер со целокупното вооружување и опрема. По одлука на ЦК на КПМ и Гш на НОВ и ПОМ им било предложено да преминат на страната на НОД. Притоа 16 од нив одбиле да им се приклучат, по што биле разоружани и пуштени на слобода, а тројца успеале да избегаат. Од преостанатите, порано заробените и доброволно придојдените бугарски војници бил формиран новиот баталјон. За командант бил назначен Д. Петров, а за политички комесар Бугаринот Трифун Трифунов-Балкански. Баталјонот влегол во составот на Втората македонска НОУБ, а потоа, заедно со НО баталјон „Стиф Наумов“, влегол во составот на Групата баталјони на Гш на НОВ и ПОМ. Баталјонот извршил напад на бугарската гранична единица во с. Коњско, во борбата против германските сили во Меглен (10. Ⅰ 1944) и учествувал во Февруарскиот поход (31. И– 25. Ⅱ) и во разбивањето на Прешевската и Жеглиговската четничка бригада (од
29. Ⅱ) кај с. Селце. Тука им се придружиле и сите бугарски војници што пристапиле на другите единици на НОВ и ПОМ и ПОЈ на кумановско-врањското подрачје. По преминувањето во под-рачјето на Црна Трава, влегол во составот на новоформираниот Трнски бугарски НОПО (март 1944), од кој подоцна била формирана Бугарската втора софиска НО бригада. ЛИТ.: Ристо Бајалски, Формирањето на Бугарскиот баталјон „Христо Ботев“, Четириесет години 1941-1945, кн. 6, Скопје, 1962, 502-504; истиот, Формирањето на Баталјонот „Христо Ботев“, Втора македонска ударна бригада, Скопје, 1973, 126-128; истиот, Учеството на Организацијата на КПЈ во Гевгелиско и на единиците на НОВ и ПОМ во формирањето на првиот Бугарски партизански баталјон „Христо Ботев“, Гевгелија и Гевгелиско во НОВ (април 1943 – мај 1945 год.), Гевгелија, 1982, 360-372. С. Мл.