БРАШНАРОВ, Панко Тодоров

Панко Тодоров Брашнаров

(Велес, 9. Ⅷ 1883 – Голи Оток, Хрватска, 17. Ⅵ 1951) – учител, македонски политички активист, учесник во социјалистичкото и во комунистичкото движење во Македонија, еден од организаторите на ВМРО(Об) во Вардарскиот дел на Македонија, делегат и прв претседавач на Првото заседание на АСНОМ. Основно училиште завршил во Велес, а Педагошка школа во Скопје (1901). Учителствувал во повеќе градови во Македонија (1901–1912). Во 1914 г. застанал на чело на новоформираната Социјалдемократска организација во Велес. Од 1915 до 1919 г., како регрутиран бугарски војник, учествувал во борбите на Македонскиот фронт. На крајот на 1919 г. се вратил во Велес и станал член на СРПЈ-комунисти. Ја прекинал учителската дејност и продолжил да работи како воденичар, бавчованџија и бакал со целосен политички ангажман. Учествувал во работата на Вуковарскиот конгрес на КПЈ и на парламентарните избори (1920), на Првата земска конференција на КПЈ во Виена (1922), каде што во третата глава на донесената Резолуција се зборува и за македонското прашање. Присуствувал на Основачката конференција на легалната НРПЈ во Белград и во основањето на месната организација на НРПЈ во Велес (1923). Учествувал во работата на Третата земска конференција на КПЈ во Белград (1924), а на основачкиот конгрес на ВМРО(Об) во Виена (1925) бил избран за член на нејзиниот ЦК. Поради политичката активност бил осуден на седум години затвор. Во 1939 г. престанал да членува во КПЈ. Активно се вклучил во НОБ и оруженото востание (1941). Во април 1944 г. заминал во партизани како делегат на Првото заседание на АСНОМ. Учествувал во Пролетната офанзива. На 2. Ⅷ 1944 г. го отворил Првото заседание на АСНОМ, а потоа бил избран и за прв потпретседател на Президиумот. На 11. Ⅻ 1950 г., под обвинение дека е за Резолуцијата на Информбирото, бил уапсен. Осуден бил на 24 месеци затвор на Голи Оток, каде што болен и разочаран починал по само десетина дена. ЛИТ.: Панко Брашнаров – живот и дело (1883–1951), Т. Велес, 1991. Ѓ. Малк.