БРАТСКИ ТРУД

„БРАТСКИ ТРУД” (Москва, 1859–1861) – литературно периодично гласило, орган на книжовна дружина на бугарски и македонски студенти во Русија (Љубен Каравелов, Марин Дринов, Нешо Бончев, В. Попович, Рајко Жинзифов и Константин Миладинов). Од перото на Рајко Жинзифов во последната книшка е објавен прилогот „Два збора кон читателите” со програмска намера „да се спаси народот од тешкото ропство и да заблескоти сонце над поробената земја”. На страниците на ова списание е објавена статијата на Константин Миладинов за Охридската архиепископија, како и расказот на Рајко Жинзифов „Прошедба”. Списанието декларира заложби за постојана љубов кон родното, кон своето. Г. Т.