БОЈАЏИСКИ, Огнен Борисов

БОЈАЏИСКИ, Огнен Борисов (Скопје, 1. Ⅻ 1945) – новинар и публицист. По завршувањето на Филолошкиот ф-т (Историја на книжевностите на југословенските народи) во Скопје, работи како уредник на емисијата „Младите за младите” во Радио Скопје (1966/ 67), а потоа е дописник на „Нова Македонија” и на РТВ Скопје од Загреб (1969–1983). Завршува постдипломски студии за меѓународни односи на Факултетот за социологија, политологија и новинарство во Љубљана, па до пензионирањето (2003) работи како советник за информирање и анализа на медиумите во МВР на РХ. Специјализира за меѓународните односи и влијанието на Балканот, пишува за малцинската проблематика и престојува во Франција, Велика Британија, Австрија, Италија и Израел и како дописник од Бугарија, Грција, Италија и Австрија (1971–2005). Еден од основачите на Заедницата на Македонците во Република Хрватска (1990) и главен уредник на органот „Македонски глас” и еден од основачите на Македонската православна црковна општина „Св. Злата Мегленска” во Загреб, како и на Центарот за интеркултурализам. Автор на статии и одделни публикации за македонската историја и култура.
БИБ.: Кронологија Охридске архиепископије, Загреб, 1994; Прометеји македонски, Загреб, 1998; Крлежа и Македонија. – Фрагменти, Загреб, 2005; Македонци у Хрватској – кронолошки аспекти, Загреб, 2007. Бл. Р.