БОЈАЏИСКИ, Борис Димков

БОЈАЏИСКИ, Борис Димков (Охрид, 23. Ⅱ 1915 – Скопје, 9. Ⅴ 1959) – еден од првите современи писатели за деца и млади. Основно училиште завршил во родниот град, Ⅴ клас гимназија во Приштина (1930/1931), а Учителс ка школа во Скопје (1931/1932) и во шабац (1932-1937). До Априлската војна (1941) учителствувал во дебарските, охридските и во струшките села, а потоа во Битола (1941/1942). По убиството на бугарскиот областен полициски началник во Битола, бил уапсен, а потоа, поради болест, се откажал од работата (ноември 1942). Иако болен, бугарските власти го мобилизирале во работниот логор во Демир Хисар. По враќањето од логорот активно се вклучил во НОД. Бил член на Литературниот кружок во Охрид (1943-1944). Наскоро, заедно со сопругата, се вклучил во НОВ и ПОМ (август 1944) и бил политички комесар на баталјон на Охридската НО бригада, соработник и раководител на Агит-проп на Четириесет и осмата (македонска) дивизија на НОВЈ. Кога штабот на дивизијата пристигнал во Охрид, бил наименуван за раководител на Курсот за народни учители. Подоцна заминал во Скопје како соработник на в. „Нова Македонија“ (април 1945), бил главен уредник на детското сп. „Титов пионер“ („Пионерски весник“) при Редакцијата на „Детска радост“ и главен уредник на НОПОК (подоцна Книгоиздателство „Кочо Рацин“). Бил член на ДПМ (1950). Од здравствени причини, ја напуштил работата и последните години ги поминал во Охрид. Се смета за еден од основоположниците на македонската драмска литература за деца. Има значаен придонес и како преведувач на голем број книги од балкански и руски автори (К. Белев, А. Диклиќ, Ј. Игњатовиќ, А. Каралијчев, А. Кононов, В. Одоевски, А. С. Пушкин, Фадеев, Л. Чарскаја, А. П. Чехов и др.).
БИБ.: Дадовме збор, Скопје, 1948 (пиеса во шест слики); Народен херој Јордан Николов-Орце, Скопје, 1951 (монографија); Дедо Мраз и кај нас, Скопје, 1953 (пиеса во три чина); Палавото зајаче, Скопје, 1953 (раскази); Првите цутови, Скопје, 1953, второ издание Скопје, 1964 (раскази); Милка, Скопје, 1954 (пиеса во четири чина); Чекори што не можеа да запрат, Скопје, 1959 (раскази, преведена и на српско-хрватски јазик); Галебово крило, Скопје, 1960; Ронки, Скопје, 1960; Клетва, Скопје, 1961, второ издание Скопје, 1967; Денес, утре, задутре, Скопје, 1964; Избрани дела, Прва и Втора книга, Скопје, 1979. Има и поголем број лектирни преизданија. ЛИТ.: Ѓорѓи Абаџиев, „Дадовме збор“, „Нов ден“, бр. 1–2, Скопје, 1950; Ацо Алексиев, „Првите цутови“, „Нова Македонија“, Скопје, 6. IX 1953; Бранко Пендовски, „Палавото зајаче“, „Нова Македонија“, 23. Ⅷ 1953; Гане Тодоровски, Пред портите на литературата, „Современост“, бр. 8, Скопје, 1954; Видое Подгорец, Драмското творештво на Борис Бојаџиски, Македонската драма, Петти Рацинови средби, Титов Велес, 1968; Димитар Митрев Ин мемориам, „Нова Македонија“, Скопје, 27. Ⅱ 1959; Видое Подгорец, Антологија на современата македонска проза за деца, Скопје, 1968, 18–19. Мурис Идризовиќ, Македонската литература за деца, Скопје, 1988, 43–49; Миодраг Друговац, Македонската книжевност за деца и младина од Џинот до Чинго, Скопје, 1996, 103–108. С. Мл.