БОШКОВСКИ, Јован

(Скопје, 25. Ⅻ 1920 – Скопје, 10. XI 1968) – раскажувач, романсиер, есеист, критичар. Неговото име се врзува и со објавата на првата книга раскази на македонски јазик (1947) под наслов „Растрел”. Значењето на оваа збирка не е само од историско-литературен карактер. Под неговото перо се случува една еманципација на македонската проза создавана во духот на народно-реалистичката традиција. Тој е и лектор и уредник на весници и списанија, уредник во Книгоиздателството „Кочо Рацин”, директор на Драмата на МНТ, ценет театарски критичар. Член е на ДПМ (1948).
ДЕЛ: Растрел (1947), Бегалци (збирка раскази, 1947), Луѓе и птици (збирка раскази, 1955), Оплеменета игра (театарски критики, 1957), Македонска драма (студија, 1961), Солунските атентатори (роман, 1962) и За македонската драмска литература (есеи и критики, 1968).ЛИТ.: Миодраг Друговац, Историја на македонската книжевност ⅩⅩ век (1990);  Христо Георгиевски, Македонскиот роман 1952–2000 (2002). В. М.-Ч.