БОШКОВСКИ, Трпче Ганчов

(Скопје, 13. Ⅷ 1913 – Скопје, 12. Ⅴ 2006) – зограф. Завршил школа за иконопис во Раковица близу до Белград. Сликал икони за црквата „Св. Параскева” во Лепосавиќ (Косово), за црквите во околината на Скопје, а автор е и на фреската на јужната фасада на црквата „Св. Спас” во Скопје. Работел во Археолошкиот музеј на Македонија како сликар копист до пензионирањето (1977). Автор е на бројни копии фрески од средновековни цркви и манастири во збирката на Музејот на Македонија и во други институции. Ј. Ч.-Ф.