БОРБАТА КАЈ АРМЕНСКО

(Леринско, Егејскиот дел на Македонија, 4/17. Ⅷ 1903) – борба на здружените чети на ТМОРО од Костурско и од Леринско (300–400 души) со османлискиот гарнизон од 250 војници, засилен со дополнителни 2.000 војници кај месноста Бигла во близина на с. Арменско, Леринско. Борбата траела до вечерта кога османлиските војски се повлекле кон Лерин, оставајќи зад себе стотина мртви и 50-тина ранети. Востаниците имале 6 мртви и 3 ранети. При повлекувањето османлиската војска го запалила с. Арменско, во кое биле убиени 120 селани, 33 ранети, а 15 моми и жени обесчестени. ЛИТ.: Хр. Силянов, Освободителните борби на Македония, 1, София, 1933. В. Ѓ.