БЛАГОЈ ЈАНКОВ-МУЧЕТО – СТРУМИЦА

„БЛАГОЈ ЈАНКОВ-МУЧЕТО” – СТРУМИЦА (1971) – споменкуќа со постојана изложба посветена на народниот херој на НОАВМ Благој Јанков-Мучето (в.). Тоа е всушност неговата родна куќа, преуредена во меморијален музеј како депанданс на Музејот на Струмица. Содржи две изложбени простории, амбиентално уредени според начинот на живеењето во триесеттите години на ⅩⅩ век. Во нив се сместени покуќнински предмети, како и предмети поврзани со кројачкиот занает, употребувани од Б. Јанков-Мучето. Во посебен изложбен дел пак, преку фотографии, документи и предмети е прикажан неговиот животен пат како кројачки работник, член на УРСОВите синдикати на Кралството Југославија, комунист и револуционер во периодот пред почетокот на Втората светска војна, активист и борец на НОАВМ.

К. Бог.