БИС-БЕЗ

Групата „Бис-Без“

„БИС-БЕЗ” – македонска рокгрупа формирана 1965 г. со спојување на двете тогаш најпопуларни групи „Бисери” и „Безимени”. Групата ја сочинуваа: Константин Икономов, Стефче Јаневски, Димитар Чемков, Ламбе Смилевски, Станислав Длака и Димитар Попанков. На својот репертоар имаше песни што беа инспирирани од македонскиот музички фолклор („Дал да плачам ил’ да пејам”; „Било и поминало”; „што е врева на сред село”), со што стана втемелувач на стилот што подоцна беше база на активноста на други групи („Леб и сол”). Групата постоеше седум години и имаше многубројни настапи во Македонија и во неколку европски земји. Престанадаработи 1972 г., а подоцна, неколку пати, повторно се составуваше (во 1994 го сними единствениот албум „Дал да плачам ил’ да пејам”), пред сè со носталгичен ефект. М. Кол.