БИРЛИК

„БИРЛИК“ (тур.: Бирлик – единство) (Скопје, 23. Ⅻ 1944–1998) – весник, орган на НОФМ, а потоа орган на ССРНМ, на турски јазик, како гласило на турската националност во ДФМ/НРМ/СРМ/РМ. Првиот број бил отпечатен во Печатницата „Гоце Делчев“. Првин излегувал како месечник, потоа на петнаеест дена, на десет дена, еднаш неделно и секој втор ден (од 1971), во тираж од 2.000– 3.000 примероци. Главни и одговорни уредници биле: Даут Нурети, шукри Рамо, Мустафа Карахасан, Фахри Мехмед-Каја, Неџати Зекирија, Ариф Аго, Вефки Хасан и Дрита Карахасан. Како дел на НИП „Нова Македонија“, долго време го користеше заедничкиот информативен сервис, но имаше и свои дописници низ Македонија, со написи за политичките, економските, културните и другите проблеми, со нагласка на општествениот равиток на турската народност во Македонија. Имаше значајно влијание за оформувањето на јавното мислење на Турците во Македонија. Прераснувајќи во новинско-издавачка куќа, ги издаваше и детските списанија „Севинч“ (тур.: Ра-дост, 1952) и „Томурджук“ (тур.: Пупка, 1957), како и списанието за општествени прашања и уметност „Сеслер“ (1965).
ЛИТ.: Д-р Боро Мокров, Развојот на македонскиот печат и новинарство (од првите почетоци до 1945 година), Скопје, 1980, 433-434; Д-р Боро Мокров – М-р Томе Груевски, Преглед на македонскиот печат (1885–1992), Скопје, 1993, 124. С. Мл.