БЕР – ВЕРИЈА

 

ВЕРИЈА (БЕР)

ВЕРИЈА (БЕР) – град во Егејскиот дел на Македонија, Република Грција, со 43.500 ж. (2002 г.). Се наоѓа во источното подножје на Негушка Планина, на која западно од градот се издига врвот Сировуна (1.804 м), а на исток се шири пространото Солунско Поле. Југоисточно од градот поминува меѓународниот пат Е-75, кој го поврзува Б. со Солун, а преку градот води и железничката линија СолунВоденБитола. Расположен на преодот од рамница во ридско–планински простор, со медитеранска клима, Б. отсекогаш имал одлични природни услови за развој. Се смета за еден од најстарите градови во Македонија. На 11 км југоисточно од градот се наоѓа античкиот археолошки локалитет Вергина, каде што е откриена гробницата на македонскиот крал Филип Ⅱ со златниот саркофаг, на кој е изгравирано шеснаесеткракото сонце, симболот на македонската династија. Од крајот на Ⅵ в., кога територијата на Македонија била населена со Словени, градот продолжил да се развива под македонското име Бер. За време на османлиското владеење во него главно живееле Македонци и Турци. Промена во етничката структура на населението е извршена во периодот меѓу двете светски војни. Тогаш дел од македонското население насилно е преселено во Бугарија, а муслиманско население во Турција. На нивно место во Б. се населени Грци од Тракија и Турција. Б. особено брзо се развива во втората половина на минатиот век. Неговото население од 29.500 ж. во 1971
г. се наголемува на 43.500 ж. во 2002 г. Денес Б. е центар на околија, со развиена индустрија, а во Солунското Поле се подигнати големи површини под овоштарници, посебно насади од праски. ЛИТ.: Тодор Симовски, Населени места во Егејска Македонија, кн. Ⅱ, Скопје, 1978. Ал. Ст.