БЕЛА КНИГА ЗА ТЕРОРИЗМОТ НА ОНА

БЕЛА КНИГА ЗА ТЕРОРИЗМОТ НА ОНА -. книга на Министерството за внатрешни работи на РМ за тероризмот на „Ослободителната национална армија“ на албанското малцинство во Македонија во периодот од 22. Ⅰ до 10. Ⅷ 2001 г. и хронологија на настаните од 1. Ⅱ 2001 до 11. Ⅰ 2002 г. Книгата содржи список на загинатите и повредените припадници на полицијата во времето на оружените дејства, список на загинатите и на повредените старешини и војници на АРМ, список на убиените и повредените цивили во терористичките напади на ОНА, список на физички нападнатите и измачувани граѓани од страна на припадниците на ОНА, како и список на киднапираните лица од ОНА. Таа содржи и преглед на терористичките напади и провокации на ОНА во периодот од 11. Ⅰ до 10. Ⅷ 2001 г., поголем број фотографии од кои се гледаат криминалните дела на ОНА, како и 11 кривични пријави против раководните лица на ОНА, поднесени од страна на МВР. Белата книга е издадена со цел доказите за злосторствата на ОНА да им се стават на располагање на телата и органите на меѓународната заедница. ИЗВ.: Бела книга – тероризмот на т.н. Ослободителна национална армија, Скопје, 2002. ЛИТ.: Љубе Бошковски, Мојата борба за Македонија, Скопје, 2004. Св. ш.