БАЛКАНСКА АНТАНТА

БАЛКАНСКА АНТАНТА (Атина, 20. Ⅶ 1934) – договор помеѓу Грција, Југославија, Романија и Турција за создавање балканска антанта, под покровителство на Франција, за одбрана на повоениот версајски поредок на Балканот. Четирите држави, членки на пактот, заемно си гарантирале безбедност на своите граници, се обврзале да се договараат за преземање заеднички мерки во случај на загрозување на нивните интереси и да не преземаат политички акции против која било друга балканска држава без претходно меѓусебно информирање и без согласност на другите договорни страни. Бугарија и Албанија поддржувани од Италија не го признавале територијалното статус кво, односно версајските граници на балканските држави. ЛИТ.: Живко Аврамовски, Балканска антанта, Београд, 1986; М. Миноски, Македонија во меѓународните договори И (1913-1940), Скопје, 2006. М. Мин.