БАЛАДА

БАЛАДА – лирско-епска песна, најчесто со драмски елементи и секогаш со трагичен крај. Поради тоа меѓу народот се наречени жаловни, жални, жаловити или тажни песни. Во Зборникот на Миладиновци една тематска група од 34 народни песни има наслов Жаљовни песни. Иако е очигледен нивниот раскажувачки карактер, што ги доближува кон епиката, впечатливи се и силните емоции на јунаците, што ги приклонува кон лириката. Во македонската поезија овој жанр е присутен кај Рајко Жинзифов, Марко Цепенков, Григор Прличев, Трајко Китанчев и други поети. Според содржината, во македонската народна поезија има митолошки, религиозно-легендарни, семејни, историски и др. балади. Во митолошките балади разни митолошки суштества (самовила, змеј, ламја, чума и сл.) се причина за мноштво човечки трагедии. Во религиозно-легендарните балади се пее за разни трагедии на овој и оној свет, за односите меѓу светците, за жртвите, за грешните души итн. Има и балади што опеваат некои историски личности од нашето минато (Момчил војвода, Марко Крале, Болен Дојчин, Гоце Делчев и др.). Баладите со семејна содржина опеваат мноштво односи меѓу членовите на семејството, свекрва – снаа, односите меѓу јатрвите и сл. ЛИТ.: Кирил Пенушлиски, Македонски народни балади, Скопје 1983; Фанија Попова, Македонската народна балада, Скопје, 1990. М. Кит.