БАБУНСКИ (СТОЈКОВИЌ), Јован

БАБУНСКИ (СТОЈКОВИЌ), Јован (с. Мартолци, Велешко, 25. Ⅻ 1875 – Велес, 17. Ⅱ 1920) – српски четнички војвода. Пред Илинденското востание бил учител во Велес и во Азот, а потоа српски четник за спроведување на големосрпската политика во Македонија. Во Балканските и во Првата светска војна (1912–1918) бил српски офицер во доброволечките и четничките одреди под команда на српската Врховна команда. Во 1919 г. застанал на чело на одред од 250 просрпски четници, со цел да се оневозможи какво било политичко и национално пројавување на македонскиот народ. Поради големите злосторства што одредот ги извршил во Битолско, Велешко, Брегалничко, Тиквешко и во Поречието, биле предизвикани жестоки протести на населението, по што Одредот бил расформиран (1920).
ЛИТ: Стојан Киселиновски, Македонски дејци (ⅩⅩ век), Скопје, 2002. Ѓ. Малк.