БАБУНСКИ, Никола Ристов

(Велес, 13. XI 1914) – работник, комунистички деец. Бил член на СКОЈ (од 1934), член на КПЈ и секретар на МК на СКОЈ во Велес (од 1935). Бил в затвор (1937), а потоа секретар на МК на КПЈ во Велес (1937–1938 и 1939 – мај 1940), по што пак бил уапсен (мај 1940 – мај 1941). Потоа бил секретар на МК и на ОК на КПЈ во Велес (мај–декември 1941). Пак бил уапсен во Скопје (декември 1941 – март 1942) и по неколку месеци одново е апсен и одведен во Глатоград (Бугарија, август 1942– 1943). По враќањето бил секретар на ОК на КПМ во Велес (септември–декември 1944), а потоа функционер на НОФ и на ОЗНА. Се изјаснил за поддршка на Информбирото (1949) и бил испратен на Голи Оток (1954–1956). ЛИТ.: Велес и Велешко во НОВ 1941 година, Титов Велес, 1973; Велес и Велешко во НОВ во 1942 година, Титов Велес, 1969; Велес и Велешко во НОВ од 1943 до мај 1945 година, Титов Велес, 1977; Димче Најчески, Голооточки сведоштва, Последици, Ⅲ, Скопје, 2006, 34. С. Мл.