АЦЕВА, Вера Дончева

АЦЕВА, Вера Дончева (псевд. Доста) (с. Ореовец, Прилепско,  24. IX 1919 – Скопје, 10. XI 2006) – македонски политичар, партиски и државен деец, првоборец. Потекнува од истакнато револуционерно семејство. Како млада стапила во напредното работничко и комунистичко движење. Член на СКОЈ од 1935, на КПЈ од 1940 г. Била избрана за член на ПК на КПЈ, а од септември до крајот на 1941 г. била секретар на Месниот комитет во Прилеп. По окупацијата го раководела Воениот штаб за подготовки на оруженото востание на 11 октомври 1941 г. До 1943 г. илегално ги раководела партиските организации и востанието во Тиквешијата, Штип, Струмица и Скопје. По стапувањето во шарскиот партизански одред била заменик политички комесар на Македонско-косовската бригада. По Ослободувањето извршувала партиски и државни функции: член на ЦК на КПМ и на ЦК на КПЈ, член на Претседателството на АСНОМ и министер во македонската Влада. Редовно била избирана за републички и сојузен пратеник. Носител на одликувањето Народен херој. ЛИТ.: Народни херои од Македонија, Скопје 1973; Жените на Македонија во НОВ 1941–1945, Скопје, 1976. О. Ив.