АРХИЕПИСКОПСКИ ЦРКОВНО-НАРОДЕН СОБОР НА МПЦ

Од првата седница на Црковно-народниот собор на МПЦ (1958)

(1958) – највисоко црковно-управно и законодавно тело со постојан и изборен состав. Архиепископот, по својата положба, е претседател на Соборот. Го свикува тој или архиерејот што го заменува на редовно годишно заседание, а по потреба и на вонредни. Изборниот собор може полноважно да одлучува ако се присутни најмалку 2/3 од активните архиереи и најмалку 2/3 од вкупниот број членови. За Архиепископ се смета дека е избран оној кандидат што добил повеќе од половината гласови од присутните членови. Со тоа избраниот станува Архиепископ на Македонската православна црква. Првиот изборен Архиепископски собор се одржал во Охрид (4–6. Ⅹ 1958), на кој за прв Архиепископ бил избран г.г. Доситеј. ЛИТ.: Ратомир Грозданоски, Стефан Архиепископ Охридски и Македонски, Скопје, 2000; Славко Димевски, Историја на Македонската православна црква, Скопје, 1989. Рат. Гр.