АРГИР(ОВСКА)-НАУМОВА, Јелена

АРГИР(ОВСКА)-НАУМОВА, Јелена (Ели) Костова (псевд. Илинка) (Крушево, 16. Ⅱ 1921) – работничка, борец и политички раководител во НОАВМ. Била активен член на Друштвото „Есперанто” во Крушево. Како заменик-политички комесар на чета во Крушевскиот НОПО „Питу Гули” (од јуни 1942), бугарскиот Воен преки суд во Прилеп ја осудил во отсуство на 15 години затвор (22. XI 1942). Извесно време била борец и политички раководител во Мавровско-кичевскиот НОПО, НО баталјон „Мирче Ацев”, Втората македонска НОУБ (заменик-политички комесар) и ополномоштеник на ОЗНА во Четвртата дивизија на НОВЈ. Носител е на Партизанска споменица 1941 и повеќе одликувања.
ИЗВ.: Крушево, фактографски материјали и реконструкција на настаните од НОАВМ, АОИНИ во Скопје; Жените од  Македонија во НОВ 1941-1945. Зборник на документи, Скопје, 1976. ЛИТ.: Златко Билјановски, Одредот „Питу Гули”, „Мисла”, Скопје, 1973; Втора македонска ударна бригада. Сеќавања и
документи, „Наша книга”, Скопје, 1973.
С. Мл.