АПОСТОЛСКИ, Кирил Митев

(Штип, 4. Ⅴ 1917) – експерт по слатководно рибарство, унив. професор. Бил активист на студентското движење во Софија и учесник во НОБ. По Ослободувањето бил директор на Заводот за рибарство во Скопје (1953-1965), професор на Земјоделскиот факултет во Скопје, советник по рибарство на ФАО при ООН во Кампучија (1961), Израел (1965), Конго (1979), Јордан и Уганда. Исто така, бил и консултант на УНЕСКО за рибарство при Институтот за океанографија и рибарски истражувања во Атина (Грција) и член на Меѓународната академија на научниците за рибарство во Рим (Италија). Автор е на поголем број научни и стручни трудови. С. Мл.