АНДРЕЕВ (ПЕТКАНОВСКИ), Трајче Лазов

АНДРЕЕВ (ПЕТКАНОВСКИ), Трајче Лазов (с. Бистрица, Велешко, 7. Ⅹ 1919 – пл. Кадиица, Велешко, 6. Ⅷ 1943) – учител, оргнизатор на НОБ во Велешко. Завршил учителска школа во Јагодина (Светозарево, Србија), каде што бил еден од раководителите на младинското движење.
По Априлската војна бил член на првата партиска ќелија на КПЈ во Азот, Велешко (август 1941). По седумдневен притвор во Централниот затвор во Скопје (јуни 1942), станал борец на Третата чета на Велешкиот НОПО „Димитар Влахов”. По разбивањето на неговата чета во борба со бугарската војска и контрачетниците (декември 1942), со група соборци се засолниле во атарот на селата Ореов Дол и Теово и се поврзале со Прилепската организација на КПМ и со партизанската група продолжил да дејствува во Азот (февруари-август 1943). Загинал во борба против бугарската полиција и контрачетниците. Подоцна, по наредба на Гш на НОВ и ПОМ. еден новоформиран велешки територијален НОПО го добил неговото име (Велешко, кон крајот на април – с. Отиштино, Велешко, 2. IX 1944). ЛИТ.: Д-р Петар Стојанов – Ѓорѓи Малковски, Велес и Велешко во Народноослободителната војна 1941-1945. Спомен книга на загинатите борци во НОВ и жртви на фашистичкиот терор од Велес и Велешко, Титов Велес, 1985, 21. С. Мл.