АНДОНОВ-ЧЕНТО, Методија

Методија Андонов-Ченто

(Прилеп, 17. Ⅷ 1902 – Прилеп, 24 Ⅶ 1957) – прв претседател на современата македонска држава ДФМ во ДФЈ. Во Прилеп завршил основно образование и трговско училиште. Започнал со приватна трговска дејност (1926). Бил национално-политички активен, се застапувал за легална борба заедно со напредните опозициски политички партии за федеративно уредување на Југославија и за автономија на Македонија. Бил апсен и осудуван за дејствување за слободна Македонија (1935, 1936). Учествувал во организирањето на митингот и на протестната демонстрација во Прилеп (2. Ⅶ 1940), одржал говор и повикал на самостојна борба за слободна Македонија.

Бил уапсен и осуден (3. Ⅶ 1940); казната ја издржувал во затворите во Србија – Ада Циган

лија и Велика Кикинда. Во почетокот на 1941 г. повторно бил уапсен како македонски националист и сепаратист и бил во затворот Баина Башта. Воениот суд му изрекол казна смрт со стрелање, но по капитулацијата на Југославија казната не била извршена, па бил ослободен и се вратил во Македонија. Во Скопје (26. Ⅳ 1941) пред бугарските окупаторски власти изјавил дека е Македонец и дека не се борел за обединета Бугарија, туку за обединета Македонија. Во Прилеп (12. Ⅶ 1941) бил уапсен за повикување на борба против фашизмот и против бугарската окупаторска власт. По-веќепати бил апсен и задржуван во затворот во Прилеп и во Битола (1942). Во почетокот на 1943 г. бил интерниран во Бугарија до крајот на април, а од крајот на мај бил задржан во логорот Чучулигово до почетокот на август.

Методија Андонов-Ченто говори во ослободеното Скопје (1944)

Пристигнал на слободната територија во Дебарца (1. Ⅹ 1943), каде што бил кооптиран за член на Главниот штаб на Народноослободителната војска, а потоа бил избран за претседател на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ. Во јуни 1944 г. ја предводел македонската делегација (во состав: Ченто, Мане Чучков и Кирил Петрушев) на Вис, која на состанокот со Тито и со членовите на Националниот комитет за ослободување на Југославија го поставила прашањето за обединета Македонија. На првото заседание на АСНОМ (2. Ⅷ 1944), при конституирањето на современата македонска национална држава, Методија Андонов-Ченто бил избран за претседател на Президиумот, врховно законодавно и извршно народно претставничко тело и највисок орган на државната власт на Демократска Македонија. По добиената вест за преговори на сојузниците со Бугарија за условите за нејзиното излегување од војната, Ченто се обратил (11. Ⅷ 1944) со телеграма до Тито со барање да се постави македонските барања за Пиринскиот дел од Македонија. На фукцијата претседател на Президиумот на АСНОМ бил избран и на Второто заседание на АСНОМ (29-30. Ⅻ 1944), а на Третото заседание (1945) бил избран за претседател на Народното собрание на ДФМ/ НРМ. Во поздравниот говор на Првиот црковно-народен собор
(4. Ⅲ 1945), Ченто ставил на знаење дека македонскиот народ има историско право на своја автокефална македонска православна црква. На собраниските избори бил избран за пратеник во Собранието на НРМ и во Собранието на Југославија. Неотстапно се застапувал за обединување на македонскиот народ, за поголема самостојност на ДФМ/НРМ во југословенската федерација. На Нацртот на Уставот на ФНРЈ поднел амандман и во Уставот била внесена одредбата за правото на народите на самоопределување, вклучувајќи го и правото за отцепување. Потоа комунистичкото раководство го употребило целокупниот апарат против Ченто, обвинувајќи го дека бил противник на социјалистичка Југославија, македонски националист и сепаратист, реакционер, застапник за буржоаска демократија, а сето тоа било за да се изврши негово елиминирање од државното раководство пред претстојната Мировнаа конференција во Париз. Под жестокиот притисок, на 14. Ⅲ 1946 г. поднел оставка на сите фукции. Се вратил во Прилеп и се подготвувал да емигрира во САД, сакал да отпатува во Париз и во својство на дотогашен претседател на македонската држава на Мировната конференција да постави барање за обединување на Македонија со примена на правото на македонскиот народ на самоопределување.

Методија Андонов-Ченто со група македонски воено-политички раководители (1944)

Бил уапсен на 14. Ⅶ 1946 г. и обвинет за дејствување против Југославија, за обединување на Македонија под протекторат на САД. Бил осуден на казна затвор во траење од 11 години (23. XI 1946). Бил ослободен условно (IX 1955). Починал во Прилеп. Во 1990 г. семејството покренало постапка за судска рехабилитација. Окружниот суд во Скопје на 22. Ⅹ 1990 г. ја укинал осудителната судска пресуда и донел решение со кое ја укинал судската пресуда од 23. XI 1946 г. ЛИТ.: Методија Андонов-Ченто, Доку
менти и материјали, Скопје, 2002; Ченто, човек, револуционер, државник, зборник на материјали од Тркалезната маса одржана на 26. XI 1991 во Прилеп, Прилеп, 1993; Илија Андонов-Ченто, Мојот татко – Методија Андонов-Ченто, Скопје, 1999.
М. Мин.

Методија Андонов-Ченто со група македонски воено-политички раководители (1944)