АНГЕЛУШЕВ, Живко Димитров

(Плевна, Драмско, 1897 – Њујорк, јуни 1979) – лекар оториноларинголог. Во младите години емигрирал во САД. Во времето на шпанската граѓанска војна, како доброволец од САД, стигнал во шпанија (1937) и бил директор на болницата на шпанската републиканска влада. Како виден американски лекар и општественик од македонско потекло, активно ја помагал НОВЈ и бил еден од основачите и потпретседател на Друштвото на пријателите на Нова Југославија во Њујорк. На иселеничката конференција во Кливленд (февруари 1946) едногласно бил избран за претседател на Иницијативниот одбор за изградбата и екипирањето на болницата во Скопје (1946). Ја посетил Македонија (1957), а по Скопскиот земјотрес (26. Ⅶ 1963) ја запознавал американската јавност со последиците од катастрофата и учествувал во испраќањето помош од САД. Се занимавал со истражувања за причините за губењето на слухот и објавил повеќе научни и стручни трудови. ЛИТ.: Во срцето на шпанија. Сеќавања на интербригадисти од Македонија. Скопје, 1975, 239; Д-р Симо Младеновски, Учеството на Македонците во шпанската граѓанска војна, Во Интернационалните бригади на шпанија. Зборник. Скопје, 1989, 221. С. Мл.