АЛЕКСОВСКИ-КАРЧЕ, Борис

(Кичево, 10. Ⅹ 1918 – Скопје, 2002) – чевларски работник, комунистички деец и политичар. Бил член на СКОЈ (1938) и на КПЈ (октомври 1941), секретар на МК на КПЈ во Кичево (октомври 1941 – март 1943), член на Окружниот комитет на КПЈ во Тетово (септември 1942 – март 1943), член на Првиот областен комитет на КПМ (април – август 1943), заменик политички комесар на Првата оперативна зона на НОВ и ПОМ и политички комесар на баталјон на Првата македонско-косовска НОУБ (11. XI 1943 – 1944). Бил кооптиран за член на АСНОМ (октомври 1944). По Ослободувањето бил на значајни партиски и државнички должности: претседател на Републичкото собрание на ССМ (1950), претседател на Главниот одбор на СЗБ од НОБ на Македонија (1959-1970), член на ЦК на КПМ/ СКМ, пратеник во Републичкото и Сојузното собрание и др. Во меѓувреме ја завршил Вишата партиска школа „Ѓуро Ѓаковиќ”. Носител е на Партизанска споменица 1941 и повеќе одликувања.

ИЗВ.: Борис Алексовски-Карче, Сеќава
ња, ракопис, АОИНИ, Скопје.ЛИТ.: Кичево и Кичевско во НОВ 1941– 1945. Документи, Кичево, 1985. С. Мл.