АДВЕНТИСТИ

АДВЕНТИСТИ (лат. адвентус = доаѓање) – припадници на адвентистичките религиски заедници со протестантска насока, кои веруваат во адвент, т.е. скоро повторно доаѓање на Христос. Адвентизмот се појавил во раните години на ⅩⅠⅩ в. меѓу припадниците на средниот и на сиромашниот слој на фармерите, трговците и на најнискиот слој на градското население во Северна Америка. Посебно место за ширењето на адвентизмот има проповедникот Вилијам Милер (1782–1849), поранешен офицер во американската армија. Во Македонија адвентизмот се појавил при крајот на ⅩⅠⅩ и почетокот на ⅩⅩ в. Првите собранија на адвентистите се конституираат во 1880 г. во Скопје, а потоа се шират во Струмица и во Радовиш. Почетоците на ширењето на адвентизмот во Македонија се поврзани со дејноста на Андреас Сифрајд и лекарот и мисионер Гарабет Јерам. По распадот на СФРЈ доаѓа до реорганизација на оваа верска заедница. Во 1992 г. од Југословенската унија се создадени две посебни единици: Југоисточноевропска унија (каде што влегуваат и адвентистите од Македонија) со седиште во Бел-град и Хрватско-словенечка конференција. Во 1993 г. мисијата во Македонија е изземена од Југоисточноевропската унија и е подредена на трансверзалното одделение на Генералната конференција. Во истата година доаѓа до расцеп и оттогаш во Македонија дејствуваат две христијанско-адвентистички цркви. ЛИТ.: В. Тимовски, Образованието и религијата, Скопје, 2005. В. Г.-П.

2019-01-05T18:11:34+01:00 Коментарите се исклучени на АДВЕНТИСТИ