МАРКОВСКИ, Венко

МАРКОВСКИ, Венко (Скопје, 5. Ⅲ 1915 – Софија, 7. И 1988) – поет, драмски автор, преведувач, општественик, дводомен македонски и бугарски автор, емигрант, политзатворник, партизан, учесник во НОБ (1941–1944), афирматор и одречувач на македонската национална самобитност и јазик, трагична илустрација на недорастолкуван автор со огромен книжевен опус и несфатливи противречности во индивидуалната судбина, пример на контроверзна творечка личност прифатена и одречувана во две национални средини (Македонија и Бугарија). Бил член на Македонскиот литературен кружок во Софија (1938– 1941), член на ДПМ во неговиот прв состав од 1947 г. (Ристо Крле, Васил Иљоски, Венко Марков-ски, Иван Точко, Димитар Митрев, Славко Јаневски, Блаже Конески и Ацо шопов) и членувал до неговото второ напуштање на Македонија (1965). Бил член на Сојузот на бугарските писатели и член на Бугарската академија на науките, член на Народното собрание на Југославија и на Бугарскиот парламент. Бил учесник во Антифашистичкото движење во Бугарија (1941–43) и учесник во НОБ на Македонија во текот на 1943–44 г., член на Главниот штаб на НОВ и ПО на Македонија и на Првото заседание на АСНОМ. Бил депортиран во политичките логори на Бугарија (1941–43) и петгодишен политички затворник на Голи Оток (1955–60). Заедно со Кочо Рацин, основоположник на новата македонска книжевност. Автор е на околу 25 одделни книги на македонски јазик, главно поезија, објавувани во Софија и во Скопје (1938–1955). На бугарски јазик му се објавени триесетина одделни книги – поезија, драма, мемоари, политички пасквили. Венко Марковски е специфична илустрација на категоријата дводомни автори, какви што, особено на Балканот, ги има повеќе. Бил член на двете јазични комисии (1944 и 1945) за донесување на македонскиот литературен јазик, азбука и правопис. Бил своевиден синоним на македонската национална преродба во текот на Втората светска војна, но се дистанцирал и се отуѓил на недостоен начин од својата македонска суштина во име на недоразјаснети во крајна инстанца мотиви и поводи. Сè погласни стануваат тенденциите за негово изопштување и од присуството во тековите на бугарската литература. Најверојатно, уште долго спецификата во недорастолкуваната трагика на овој писател од грандиозен формат и непорекливи заслуги во процесите на конституирањето на новата македонска литература ќе си остане своевидна енигма. Нема да може никој да го одрече целосно, ниту пак да го рехабилитира целосно. Книжевната наука сè уште е немоќна самостојно да ги разрешува ваквите феномени. БИБ.: Народни бигори, Софија, 1938; Огинот, Софија, 1938; Лулкина песна, Софија, 1939; Луња, Софија, 1940; Чудна е Македонија, Софија, 1940; Партизани, Скопје, 1944; Низ пожарите на Елада, 1944; Орлите на Македонија, Скопје, 1944; Гламји, Скопје, 1945; Порои, Скопје, 1945; Робии, Скопје, 1945; Сказна за резбарот, Скопје, 1954; Над пламнати бездни, Скопје, 1954; Гоце, драма, Скопје, 1954; Стихови, избор од поезијата (1938–1952) и Гламји и порои, Скопје, 1992 (избор од творештвото во редакција на Ацо Алексиев). ЛИТ.: Тодор Павлов, Поезијата на Венко Марковски, Софија, 1939; Димитар Митрев, За темата на Народно-ослободителната борба во македонската литература, „Нов ден“, 8–9, 1947; Спасе Кулјан, Апологија на скепсата, „Разгледи“, Ⅱ, 8, 1955; Ми-то Хаџи-Василев, Венко Марковски рецитира, Дела, Ⅵ, 1982; Милан Ѓурчинов, Сказна за резбарот, „Разгледи“, И, 22, 1954; Душко Наневски, Над пламната бездни, „Млада литература“, Ⅳ, 10, 1954; Антон Попов, Од „Бура на родината“ до „Чудна е Македонија“, „Современост“, ЏЏЏИВ, 1-2, Ск., 1984; Стојан Ристески, Венко Марков-ски не бил „кокошкар“ и „детеубиец“, „Современост“, 5–6, Ск., 1990; Блаже Ристовски, Еволуцијата на еден поет и метаморфозите на еден човек, „Лик“, В, 85, Ск., 1990; Георги Старделов, Асоцијации по повод „Сказна за резбарот“ од Венко Марковски, „Млада литература“, Ⅳ, 7, Ск., 1954; Гане Тодоровски, Блаже Конески и Венко Марковски, кн. „Решки и шарки“, Скопје, 2001; Коле Чашуле, Венко Марков-ски – записи за едно самоубиство, „Современост“, ЏЛИ, 1–4, Ск., 1992. Г. Т.