ИНВЕСТИЦИИ

ИНВЕСТИЦИИ – зголемување на постојните капитални фондови, кои натурално постојат во три облици: градежни објекти (фабрички хали и административни згради); опрема (машини, технолошки линии и сл.); и залихи (суровини, полупроизводи и готови производи). Притоа, бруто-инвестициите ја претставуваат вкупната маса на инвестициите во економијата, во определен временски период, без оглед дали станува збор за инвестиции наменети за замена на истрошените капитални фондови или, пак, за нивно зголемување. Нето-инвестициите, пак, го претставуваат само делот на инвестициите со кои е реализирано зголемување на капиталните фондови во економијата над дотогашното постојно ниво. Оттука, нето-инвестициите се помали од бруто-инвестициите за износот на амортизацијата (истрошеноста) на капиталните фондови. На инвестициите им припаѓа значајна улога во динамизирањето на економскиот раст. На макроплан инвестициите се детерминирани пред сè од големината на националното штедење, висината на каматната стапка и очекувањата на економските субјекти за идните настани (економски и политички). Гледано од аспект на поединечно претпријатие, изворите за финансирање на инвестициите обично се комбинирани од: сопствени средства на претпријатието (нераспределен профит), банкарски кредити, емисија на корпорациски обврзници и емисија на акции. Во развиените земји, во финансирањето на почетните фази на развојот на претпријатието, значајно место му припаѓа на неформалниот ризичен капитал (т.н. бизнис-ангели), а во повисоките развојни фази и на официјалниот ризичен капитал (вентуре цапитал). Во претходниот систем СРМ оствари интензивна инвестициона активност. Во периодот 1956–1980 г., просечната стапка на бруто-инвестициите (учество на бруто-инвестициите во општествениот производ) изнесуваше околу 40% и придонесуваше за динамичен економски раст на земјата (в. економски раст и развој). Иако, почнувајќи од 1965 па сè до 1981 г., сопствените средства на претпријатијата, како извор на финансирање на инвестициите, манифестираа тенденција на пораст, банкарските кредити (а од 1974 до 1981 г. и оние од странски извори) задржаа вонредно високо учество (51,8% – 1965 г., до 60% – 1981 г.). По 1980 г. инвестициите почнаа силно да опаѓаат (1984 г. нивното учество во ОП се сведе на 21,3%), а опаѓаше и нивната економска ефикасност. Во периодот по осамостојувањето на РМ, бруто-инвестициите во фиксните фондови покажуваат долгорочна тенденција на стагнација, одржувајќи се на нивото помеѓу 15 –17% во бруто домашниот производ на земјата. Бруто-инвестиции во фиксни фондови во Република Македонијагодина како % во БДП 1994 15,3 1995 16,5 1996 17,4 1997 17,4 1998 17,8 1999 17,9 2000 16,2 2001 14,8 2002 16,6 Основните причини за ваквата состојба се: ниското национално штедење, високите реални каматни стапки, дејството на неекономските фактори и нивниот одраз врз очекувањето на економските субјекти и слабиот прилив на странски директни инвестиции. Генерално гледано, за да се динамизира растот и да се оспособи економијата да креира нови работни места, потребно е брутоинвестициите во фиксните фондови да го зголемат своето учество во БДП до 25%. Во овој контекст, креирањето на поволна инвестиционата клима (в. инвестициона клима) останува клучен фактор за поттикнување на домашните и на странските инвеститори да вложуваат во македонската економија. ИЗВ.: Републички завод за статистика, Развојот на СР Македонија 1945–1984, Скопје, 1986, 41-51; Републички завод за статистика, Статистички годишник на Република Македонија 1997, Скопје, дек. 1997, 547 -563. ЛИТ.: М. Нестороски, Можности за повисоко ниво на инвестиции во Република Македонија. Отворени предизвици на македонската економија, МАНУ – Скопје, 2004; Н. Кљусев, Инвестициона депресија, на истото место. Т. Ф.