ГРЧКО-СРПСКИ СОЈУЗ

ГРЧКО-СРПСКИ СОЈУЗ (1913). Во текот на пролетта 1913 г. се заостриле спротивностите меѓу балканските сојузени држави за поделбата на окупираната Македонија. Грција и Србија ги усогласиле интересите и биле единствени во ставот по секоја цена да ги зачуваат окупираните територии и да обезбедат меѓусебна граница во Македонија. Во Атина (22. Ⅳ / 5. Ⅴ 1913) потпишале Протокол за склучување грчко-српски сојуз, со кој ги утврдиле одредбите во Договорот за пријателство и одбранбен сојуз за обезбедување заедничка граница и за линијата на разграничување со Бугарија во Македонија. Во Солун (19. Ⅴ / 1. Ⅵ 1913) бил потпишан Договор за сојуз меѓу Грција и Србија со кој договорните страни си ги гарантирале освоените територии, се обврзале на заедничка одбрана со сите постојни сили и во случај на војна да склучат примирје само истовремено, со меѓусебна согласност. Со Договорот Грција се обврзала на Србија да $ обезбеди економски излез на Егејското Море, да $ ги даде сите потребни олеснувања и да $ гарантира за период од 50 години целосна слобода за српската увозна и извозна трговија преку Солунското пристаниште и по железниците од Солун кон Скопје и кон Битола. Истиот ден во Солун била потпишана и Воена конвенција за заедничка одбрана при напад од Бугарија. Со Конвенцијата биле определени бројниот состав на мобилната армија, во почетокот на војната и стратегискиот распоред на единиците, како и водењето на воените операции против Бугарија според заеднички военооперативен план изработен од генералштабовите на двете армии или од нивни делегати. Со Конвенцијата определиле продолжена линија на разграничување по преземањето на територијата на Македонија окупирана од Бугарија. Со потпишувањето на Договорот за сојуз и на Воената конвенција биле завршени подготовките за меѓусојузничката балканска војна. ЛИТ.: Македонија во билатералните и мултилатерални договори на балканските држави, Скопје, 2000; Документи за борбата на македонскиот народ за самостојност и за македонска национална држава, И, Скопје, 1981. М. Мин.