ГЛАВИНОВ, Васил

ГЛАВИНОВ, Васил (Велес, 1869 – Софија, 24. Ⅰ 1929) – основоположник на социјалдемократското движење во Македонија. Како столарски работник на печалба во Софија го прифатил и го ши-Васил Главинов рел социјализмот. Членувал во Бугарското работничко друштво „Братство“. Во 1893 г. ја формирал самостојната Македонска социјалдемократска група со задача да ја шири социјалистичката идеологија меѓу македонските печалбари и во Македонија. Се обидел Групата да прерасне во Македонска партија, но не бил поддржан од бугарските социјалисти, кои го прогласиле за сепаратист. Во 1894 г. во Велес го формирал првото работничко културно-просветно друштво. Ги издавал првите македонски социјалистички весници „РеволÓция“ и „Политическа свобода“, кои повикувале за ослободување на Македонија и за создавање независна република. Членови на Групата (не и Главинов) влегле во Македонската револуционерна организација и, како борци и војводи, учествувале во Илинденското востание. По востанието Главинов исцело се ориентирал на класното работничко движење. По Првата светска војна дејствувал во Бугарија. ЛИТ: Д-р Орде Иваноски, Преродбенската делотворност на социјалистичката мисла во Македонија, Скопје, 2000; Работничкото и комунистичкото движење во Македонија, Скопје, 1970. О. Ив.