ЈОСИФОВСКИ, Кузман Цветанов

ЈОСИФОВСКИ, Кузман Цветанов (псевд. Питу, Методие) (Прилеп, 15. Ⅵ 1915 – Скопје, 25. Ⅱ 1944) – правник, истакнат национално-политички раководен деец. Основно и средно образование заКузман Јосифовски-Питу вршува во Прилеп и во Битола. Студирал право во Белград и бил еден од раководителите на прогресивните студенти. Член е на КПЈ од 1938 г. Бил еден од организаторите на македонското студентско друштво „Вардар” и на македонското народно движење (МАНАПО). Во 1939 г. бил секретар на МК на КПЈ во Прилеп. На локалните и парламентарните избори (1936–1938) со своите приврзаници ја поддржувал опозицијата. Бил организатор и учесник на повеќе национални манифестации и демонстрации за подигање на национално-револуционерната свест за продолжување на ослободителната борба против окупаторскиот режим. Говорник е на Илинденската демонстрација (1940), на која била барана промена на режимот, национално-политички права, ослободување на Македонија и др. Истата година бил избран за член на ПК на КП во Македонија. Учествувал на Студентската колонија во Охрид и во соработката меѓу студентите од Белградскиот и од Софискиот универзитет. По фашистичката окупација бил инструктор и член на ПК на КПЈ, организатор и раководител на партиските организации и на партизанското движење на територијата под италијанска окупација; формирал месни и околиски партиски комитети. Во Тетово формирал и Окружен комитет за Западна Македонија и станува негов секретар (1942). Бил избран за член на првиот ЦК на КПМ и за член на Гш на НОВ и ПОМ (1943). На Преспанското советување на ЦК (2. Ⅷ 1943) поднел писмен реферат посветен на 40-годишнината на Илинденското востание, коешто високо го оценил и нагласил дека новата НОБ ги продолжува илинденските традиции. По советувањето преминал на партиска работа во Скопје. Го формирал Акциониот народноослободителен комитет (АНОК) за свикување на Антифашистичко собрание на Македонија. Бил предаден и опколен од бугарската полиција (25. Ⅱ 1944). При пробивот загинал. Опеан е во партизанските песни, а голем број културно-просветни друштва, училишта, стопански организации и улици го носат неговото име. Прогласен е за народен херој. ЛИТ.: Народни херои од Македонија, Скопје, 1973, 157-161; Кузман Јосифовски-Питу, Време–Живот–Дело (1915–1944), Зборник на прилози од научниот собир одржан во Прилеп, Скопје, 1995. О. Ив. Перо Јосифовски