ЕРЛАНГЕНСКИ РАКОПИС

ЕРЛАНГЕНСКИ РАКОПИС -. зборник со народни песни, ракопис откриен во Универзитетската библиотека во Ерланген, Германија (1913), пишуван со црквенословенска кирилица на 530 листови. Го проучил и со опширна воведна студија го објавил германскиот славист Герхард Геземан (1925). Тоа е калиграфски препис од постар (незачуван) ракопис, пишуван со т.н. дипломатска кирилица и украсен со богати барокни иницијали, со корици од некој епархиски календар од 1733 г. Се претпоставува дека настанал во Воена Краина во годините меѓу 1717 и 1733 г., а песните ги запишал непознат австриски офицер или писар. Ракописот содржи вкупно 217 народни и други песни. Најголемиот дел се посветени на Марко Крале и на други историски личности и јунаци. Меѓу другото, во нив лингвистите препознале и записи од македонски информатори. БИБ.: Г. Геземан, Ерлангенски рукопис старих српскохрватских народних песама, Сремски Карловци, 1925. ЛИТ.: Д. Ј. Поповић, Ко је аутор, где је и када настао Ерлангенски рукопис, „Годишњак Музеја града Београда”, Београд, 1954. С. Мл.