ДИМОВ ДОКУРЧЕВ, Андреја

ДИМОВ ДОКУРЧЕВ, Андреја (Велес, 1878 – с. Белица, Кичевско, 1907) – деец и војвода на ТМОРО. Се школувал во Солун и како член на ТМОРО бил комита во четите на Андон Јанев–ќосето и на Михаил Попето. Подоцна и самиот станал војвода на чета во Одринско (1901–1902), потоа и околиски војвода на Горноџумајско и член на Струмичкиот револуционерен комитет. Учествувал во ликвидирањето на злогласниот бег од с. Мурулово (Кукушко) и во грабнувањето на мис Елена Стон. Во времето на Илинденското востание (1903) бил војвода на Првиот одред во Крушевскиот револуционерен реон на ТМОРО и учествувал во заземањето на уќуматот, поштенско-телеграфската станица и беледието (општината) во Крушево (2/3. Ⅷ 1903). Загинал во борба со османлиската војска. ЛИТ.: д-р Манол Пандевски, Илинденското востание во Македонија во 1903 година, ИНИ, Скопје, 1978; Историја на Крушево и Крушевско, книга 1: Од постанокот на градот до поделбата на Македонија, Крушево, 1978. С. Мл.