ДИМИЦА, Маргарит

ДИМИЦА, Маргарит (Охрид, 1829–1903) – епиграфичар и историчар, специјалист за античка топографија и географија. Учел во Охрид, во Јанина, а на Универзитетот во Атина завршил филологија. На Факултетите во Лајпциг и во Берлин специјализирал класична филологија, филозофија и археологија. Работел во гимназијата во Битола и во Солун. Преку проучувањето на античките извори и епиграфски споменици тој е првиот учен што напишал дела за античката топографија на Македонија и исцрпно ги регистрирал дотогаш познатите камени споменици. Се залагал за обновување на Охридската архиепископија со автокефален статус по нејзиното затворање, кое го сметал за неправедно. БИБ.: Та пери тес аутокефалоу архиепископес протес Јоустинианес Ахридас каи Боулгариас, Атхинаи, 1859; Архаиа географиа тис Македониа, Атхинаи, 1888; Е Македониа ен литхоис фтхенгоменоис каи мнемеиоис созоменоис, Атхинаи, 1896. ЛИТ.: Поулиос Харисес, Маргаритес Демитсас. Македоникон Емерологиов Панмакедоникоу Силлогоу, Атхенон, 1909, 301-305; Иван Снегаров, Македонски прегледъ, ⅩⅠⅠⅠ–4, София, 1943. В. Б.–Гр.