ДИМИТРОВ, Димитар

ДИМИТРОВ, Димитар Николов (с. Цакони, Воденско, Грција, 13. XI 1937)‡ доктор по филозофија, универзитетски професор, публицист и политичар. Во времето на Граѓанската војна во Грција (1948) доаѓа во Македонија, каде што завршува гимназија и филозофија на Филозофскиот факултет во Скопје (1962). Магистрирал во Љубљана (1966), а докторирал во Загреб (1972). Работел како гимназиски професор, како уредник во издавачката куќа „Култура” и како професор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје. Во првата (експертска) Влада на самостојна Македонија бил министер за образование, а во Владата на ВМРО-ДПМНЕ министер за култура. Бил амбасадор на Република Македонијаво Руската Федерација (2000– 2003). Во првата фаза од своето филозофско творештво се занимава најмногу со прашањата на уметноста, при што критички се однесува кон определени аспекти на марксистичката естетичка теорија и кон идеите за активистичката уметност, а потоа се зафаќа со проблемите на историјата и на политичката филозофија. БИБ.: Животот и уметноста, 1967; Противставување, 1971; Македонски работи, 1991; Уметност и човекување, 1992; Меѓу тоталитаризам и демократија, 1994; Името и умот, 1999. Ив. Ⅹ.