ДЕВИЗНИ РЕЗЕРВИ НА РМ

ДЕВИЗНИ РЕЗЕРВИ НА Република Македонија– странски средства (депозити, хартии од вредност, злато) во сопственост на државата, чија основна функција е заштита на економијата од негативни надворешни шокови, редовно сервисирање на надворешниот јавен долг и интервенции на девизниот пазар. Активностите за создавање девизни резерви на Република Македонијазапочнуваат кон крајот на 1991 г., кога Владата донесе одлука за применување на курсот на динарот во платниот промет со странство и за издвојување и насочување на еден дел од девизниот прилив во РМ. Врз таа основа, НБМ започнува да ги формира девизните резерви така што банките издвојуваат 30% од девизните приливи на претпријатијата. На тој начин, на денот на монетарното осамостојување, девизните резерви на Република Македонијаизнесуваат само три милиони долари. Во периодот по монетарното осамостојување, девизните резерви покажуваат тренд на постојан пораст и на крајот од 2006 г. тие изнесуваа 1,4 милијарди евра. Во однос на структурата, најголемиот дел од девизните резерви е пласиран кај странски централни банки (51%), 68% од девизните резерви се чуваат во вид на депозити кај странски банки, 78% од девизните резерви се деноминирани во евра, а 90% од пласираните средства имаат рочност до 90 дена. Најважни фактори што влијаат врз динамиката на девизните резерви се интервенциите на централната банка на девизниот пазар (откупот и продажбата на девизи), задолжувањето на државата во странство, отплатата на надворешниот долг, приливите на девизи од приватизацијата на државните претпријатија, кредитните обврски на централната банка, задолжителната резерва на банките во девизи, како и приходите од пласирањето на девизните резерви. Со девизните резерви на Република Македонијауправува НБРМ, во согласност со принципите на сигурност, на ликвидност и на рентабилност. Притоа, вкупните девизни резерви се состојат од три портфолија: ликвидносно портфолио, инвестиционо портфолио и злато. При ракувањето со девизните резерви, централната банка управува со кредитниот ризик, ликвидносниот ризик, валутниот ризик и каматниот ризик. Квантифицирањето на пазарните ризици на кои се изложени девизните резерви се врши со примена на современа софистицирана статистичка методологија (ВалуеатРиск–ВАР), која ја проценува максималната промена на девизните резерви во определен временски период, предизвикана од промените на цените на финансиските инструменти и девизните курсеви. ИЗВ.: Билтен, Министерство за финансии, Скопје, јули/август 2006, 7.ЛИТ.: Кики Мангова-Поњавиќ, Ванчо Каргов, 60 години централно банкарство во Република Македонија, Народна банка на Република Македонија, Скопје, 2006; Извештај за управувањето и ракувањето со девизите резерви во 2006 година, Народна банка на Република Македонија, Скопје, февруари 2007; Билтен, Министерство за финансии, Скопје, јули/август 2006, 7. Г. П.