ВЛАХЧЕВА, Славјанка

ВЛАХЧЕВА, Славјанка (Штип, 1900 – Скопје, 4. Ⅳ 1988) – прва образована медицинска сестра во Македонија. Го завршила Училиштето за медицински сестри на Друштвото на црвениот крст во Белград (1924). Откако се вратила во родниот град, активно се вклучила во борба против маларијата. Подоцна преминала на работа во Антитуберкулозниот диспанзер во Скопје. Има особена заслуга за воведувањето на патронажната служба и спроведувањето на бесеже вакцинацијата. Активно ја помагала НОАВМ и во борбите за ослободувањето на Скопје се приклучила во Четиринаесеттата македонска младинска НО ударна бригада „Димитар Влахов“. По Ослободувањето добила задача да основа Училиште за медицински сестри во Скопје (1945) и била именувана за негов прв директор. Пројавила и особена активност во Црвениот крст на Македонија. ЛИТ.: Умре првата медицинска сестра во Македонија, „Нова Македонија“, ЏЛИВ, 14800, Скопје, 6. Ⅳ 1988, 8. С. Мл.