ЈУГОСЛОВЕНСКА НАРОДНА АРМИЈА

ЈУГОСЛОВЕНСКА НАРОДНА АРМИЈА (1941–1991). Создавањето на ЈНА започнало во мај 1941 г. со подготовките за оружено востание. Од воените комитети и воените комисии биле организирани диверзантски и ударни групи, а на теренот биле формирани партизански одреди. На крајот од јуни Воениот комитет на ЦК на КПЈ прераснал во Главен штаб на НОПОЈ, со командантот Јосип Броз Тито, генералниот секретар на КПЈ. Летото биле формирани покраински штабови. Во Македонија, Покраинскиот воен штаб бил формиран во септември 1941 г. На 26. IX 1941 г. во Столице била донесена одлука Гш да се преименува во Врховен штаб на НОПОЈ, а штабовите во покраините во Главни штабови. Во октомври 1941 г. Вш ги пропишал заклетвата, обуката, амблемите, поздравувањето, снабдувањето и др. Биле основани и покрупни единици – баталјони, подоцна бригади, дивизии и корпуси на НОВЈ. На 1. Ⅲ 1945 г. биле формирани четири армии, НОВЈ била преименувана во ЈА, а Вш во Гш на ЈА. По завршувањето на војната ЈА имала 800.000 борци и офицери. На 22. Ⅻ 1951 г. ЈА била преименувана во ЈНА. Со усвојувањето на Законот за народна одбрана (1969) ЈНА влегла во последната етапа на развојот, што завршува со нејзиниот распад (1991). В. Ст.