ФИРФОВА, Данка

ФИРФОВА, Данка (Велес, 2. Ⅱ 1918 – Скопје, 21. Ⅵ 2003) – оперска певица, сопран, првенка на Операта на МНТ. Пеење учела во Белград и Софија кај професорите Медведова-шкерјанц, Љ. Киш и Х. Брмбаров. Се усовршувала во Италија на Миланската Скала. До 1947 г. работела како наставник по музичко воспитување во Земун, Велес и Скопје. Учесник е во првите изведби на македонски јазик на операта Кавалерија рустикана во мај 1947 г. и со тоа станува еден од основачите на Македонската опера. Од 1948 до 1975 г. е постојан член на Операта на МНТ. Извесен период (1956–1958) е член на Операта во Нови Сад. Во текот на оперската кариера остварила повеќе од 15 главни улоги меѓу кои: Аида, Дездемона (Отело), Леонора (Трубадур), шарлота (Вертер), Марженка (Продадена невеста), Ѓула (Еро од оној свет), Тоска, Елизабета (Дон Карлос), Турандот. Гостувала во оперските центри на Југославија, како и во Полска, Бугарија, Грција. Музичката критика го истакнува нејзиниот прекрасен драмски сопран, со голема носивост, заобленост и топлина. Ф. М.