МУМИН, Вели

МУМИН, Вели (Скопје, 1980) – боксер. Потекнува од сиромашно седумчлено семејство. Ја завршил гимназијата „Цветан Димов“ (Отсек аранжер за внатрешен дизајн) во Скопје, а сега е студент на Факултет за безбедност. Со бокс се занимава од својата 14-та година како член на Боксерскиот клуб „Скопје“. За неговата боксерска кариера се заслужни тренерите Руждија Калач и Живко Дуковски. Со висина од 155 см., во категоријата од 48–51 кг., имал над 280 мечеви, од нив 195 победи. Десет пати бил првак на Македонија, трипатен носител на македонскиот боксерски трофеј „Златен гонг“ (Скопје), прв странец повеќепратен државен првак на Бугарија, петти на Светското првенство во Бангкок (Тајланд, 2003) и спортист на Македонија за 2003 г., 16-ти на Светското првенство во Мијанијанг (Кина, 2005), освојувач на бронзен медал на Европското првенство во Пловдив (2006) и спортист на Македонија за 2006 г., освојувач на бронзениот медал на Европското првенство во Ливерпул (2008) и др. Повеќе години настапувал за најдобриот бугарски боксерски клуб од Пловдив. Во брак е со четирипатната првенка на Бугарија во бокс, дипломираната професорка по бокс и фитнес Маја Полиска. С. Мл.