МИХАЈЛОВ, Илија

МИХАЈЛОВ, Илија (Велес, 1912 – Скопје, 1995) – агроекономист. Основно училиште завршил во Велес, гимназија во Неготин Краина, Србија (1932). Дипломира на Земјоделско-шумарскиот факултет во Земун (1938). Организира отворање на земјоделско училиште во Битола (1945), каде што бил и директор. Во наставниот процес на Земјоделско-шумарскиот факултет во Скопје е вклучен од 1948 г. по предметот организација на земјоделското производство. Избран е за доцент (1952); хабилитира (1958); станува вонреден (1959) и редовен професор (1965). Пензиониран е во 1978 г. Бил декан на Земјоделско-шумарскиот факултет (1965/67), а во повеќе мандати ја раководел Катедрата за економика и организација. Објавил 60-тина научни и стручни трудови. Др. Ѓош.