МИЛАДИНОВ, Димитрија

МИЛАДИНОВ, Димитрија (Струга, 1810 – Цариград, 11. И 1862) – учител, собирач на македонски народни умотворби, поет, публицист, преродбеник, централна личност на македонската преродба, најстар син на Ристе Миладин, грнчар од Струга. ќелијно училиште учел во манастирот „Свети Наум“, а потоа продолжил во класното училиште во Охрид. По двегодишно учителствување во Охрид, образованието го продолжил во познатата гимназија во Јанина, каде што убаво научил француски и италијански јазик. Потоа бил учител во повеќе места во Македонија: Охрид, Струга, Битола, Прилеп, Магарево, Кукуш (два пати) итн. Во мај 1845 г. во Охрид имал средба со познатиот руски научник Виктор Иванович Григорович. Професорот на Казанскиот универзитет присуствувал на час и му ставил забелешка што наставата ја изведува на неразбирливиот за децата грчки јазик. Притоа му укажал и на словенското потекло и потребата за негување на народните традиции. Иако таа средба претставува важен момент за народносното освестување на Миладинов, дури Зборникот на браќата Миладиновци, „Б’лгарски народни песни“ (1861) по престојот во Босна, Војводина и Србија (1855/56) и запознавањето со животот во овие краишта и особено со српското народно творештво, кај него настапил целосен пресврт. Од убеден елинист станал пламенен словенофил. Од Савле стана Павле, пишува за тоа К. шапкарев. Разменувал писма со многу учени во словенските земји, испраќал студенти на школување во Русија (меѓу другите и својот најмал брат Константин). Собирал народни умотворби и му ги испраќал на Константина во Москва со надеж дека таму ќе ги објави во посебен зборник. Така тој е најзаслужниот за создавањето на зборникот што Константин го објави на враќање од Русија во Загреб во 1861 г., со наслов „Бšлгарски народни п‹сни“. Зборникот содржи огромен фонд македонски народни песни, кратки жанри, етнографски материјали и сл. и само една седмина бугарски песни. Жестоко се борел за воведување на народниот јазик во училиштата и на црковнословенскиот во богослужбата, како и против поставувањето грчки свештеници во Македонија. Поради тоа бил наклеветен пред турските власти како руски шпион, бил затворен и под нерасветлени околности го загубил животот во цариградските зандани. ЛИТ.: Харалампие Поленаковиќ, Студии за Миладиновци, Избрани дела 5, Скопје, 1989; Книга за Миладиновци (1862–1962), Зборник од студии, статии и прилози, Скопје, 1962; Животот и делото на браќата Миладиновци, Скопје, 1984; Константин Миладинов, Избор. Избор и предговор Гане Тодоровски, Скопје, 1980. М. Кит.