МЕЛИОРАЦИЈА НА ПОЧВАТА

МЕЛИОРАЦИЈА НА ПОЧВАТА – подобрување на својствата на почвата со примена на разни мелиоративни мерки, кои имаат подолготрајно, т.е. повеќегодишно дејство. Претставува позитивна антропогенизација на почвата. Во нашето земјоделство, во поголема или помала мера, се применуваат следните мелиоративни мерки: борба против ерозијата, теренски мелиорации, промена на механичкиот состав, хумизација, хидротехнички мелиорации, десалинизација, деалкализација, мелиоративно ѓубрење со минерални ѓубриња, правилна употреба на пестициди, мулчирање и снегозадржување, засилување на микробиолошките процеси, отстранување на деградацијата на почвите во сточарските фарми. Од најголемо значење се хидротехничките мелиорации (подобрување на водниот режим на почвата со наводнување и одводнување), бидејќи се применети на најголеми површини. Пред хидротехничките мелиорации во РМ имало 67.000 ха плавени површини секоја десетта и 102.000 секоја стота година. Мочурливи површини имало 86.000 ха. Со примена на овие мелиорации се заштитени 65.000 ха од поплави и се одводнети 64.000 ха мочурливи површини. Под системи за наводнување се наоѓаат 140.000 ха, но се наводнува значително помалку. Ѓ. Ф.