КУБЕШ, Лудјек

КУБЕШ, Лудјек (Чески Брод, Чешка, 13. XI 1913 – Прага, 5. XI 1996) – архитект и урбанист. Дипломирал на Високата школа за архитектура во Прага (1945). Од 1947 г. се преселил во Скопје и изработил идејна урбанистичка студија на градот Скопје (1947), врз чија основа, со група инженери – планери, работи на Генералниот регулационен план (1948), а ги изработил и деталните урбанистички планови за Скопје, за Кочани, за Кичево. Проектантската активност ја одвива во повеќе проектантски организации. Изградил повеќе станбени објекти и индивидуални семејни куќи во Скопје, во Куманово, во Ресен, основните училишта во Пехчево, во Свети Николе и во Неготино (1971). Се занимавал и со проектирање на ентериери и со публицистичка и литературна дејност. ЛИТ.: К. Грчев, Архитект Лудјек Кубеш (1913–1996), во: Архитектурата на почвата на Македонија од средината на ⅩⅠⅩ до крајот на ХХ век. Прилози за истражувањето на историјата на културата на почвата на Македонија, 14, Скопје, 2006, 107–112. Кр. Т.