КОРПОРАТИВНО УПРАВУВАЊЕ

КОРПОРАТИВНО УПРАВУВАЊЕ – систем на правила, водење и контролирање на корпорациите, што треба да овозможи оптимизација на работењето на менаџерите во полза на сопствениците на капиталот (акционерите). Во земјите со развиен пазар на капитал ефикасното корпоративно управување го овозможува берзата. Имено, цените на акциите на берзата се реален одраз на темелните (фундаменталните) вредности на корпорациите. Доколку цените на акциите растат, тоа е само доказ дека менаџерите добро работат, за што следуваат награди и стимули. Обратно, ако цените на акциите опаѓаат, менаџерите можат да бидат сменети од страна на сопствениците (акционерите) или од страна на новите сопственици, доколку дојде до преземање на фирмата. Корпоративното управување во РМ е с” уште неефикасно. Причините лежат во недоволната развиеност на пазарот на капитал, поради што цените на акциите не се реален одраз на вистинската перформанса на претпријатијата. Слабости се присутни и во системот на информирање на инвеститорите за финансиските и особено за нефинансиските перформанси на котираните фир-ми. Сепак, со најновите измени на корпоративното законодавство, РМ направи значаен прогрес во овој домен. Според ЕБРД, од аспект на усогласеноста на законодавството од областа на корпоративното управување со меѓународните стандарди, РМ стои најдобро меѓу земјите во транзиција. Актуелните напори во овој домен се насочени кон: зголемување на ефикасноста на имплементацијата на постојната законска регулатива; подобрување на информирањето на акционерите со прифаќање и примена на ЕУ директивите за транспарентност што ја регулираат проблематиката на содржините на финансиските извештаи и нивно дополнување со нефинансиски информации (плановите на развој на фирмите, квалитетот на менаџерските екипи итн.); поттикнување на развојот на капитал преку понуда на нови видови хартии од вредност, даночни олеснувања и сл. ИЗВ.: ЕБРД Транситион репорт 2005, 24.ЛИТ.: ЕБРД Транситион репорт 2005, 24.; С. Арсов, Корпоративното управување и пазарот на капитал, „Билтен” бр. 7–8, Министерство за финансии на Република Македонија, Скопје, 2004. Т. Ф. Петнаесеттиот (македонски) корпус на НОВЈ на австриско-југословенската граница (мај 1945)