КОНАК ХАВЗИ-ПАшА

КОНАК ХАВЗИ-ПАшА – с. Бардовци, крај Скопје. Изграден е на чифликот на Хавзи-паша во периодот помеѓу 1830–1845 г. Комплексот го сочинуваат три делови со згради и дворишта оградени со ѕидови од камен, засилени со осум одбранбени кули. Во средишниот двор се наоѓа селамлукот во кој престојувал пашата со машкиот дел од семејството. На источната страна бил харемлакот со женскиот двор во кој се наоѓала зграда за кујна и за послугата. Меѓу двата конака е ризницата за чување на богатството и оружјето на пашата, поврзана со дрвен мост. Крајниот дел е за економија, со коњушница и поило. Двата конака се симетрични со приземје и кат. Внатрешноста на зградите била декорирана со боена декорација по ѕидовите и со тавани во резби. ЛИТ.: Б. Којий, Конаци и Чифлик Авзи паше, у Бардовцу код Скопља, Зборник заштите споменика културе, ИВ-В, Београд, 1955, 223–242. Кр. Т.